Болницата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле од денеска прима возрасни пациенти заболени од Ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Од таму информираат дека се прават последните подготовки за нејзино ствање во функција за прием на позитивни на вирусот.
На располагање се 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од вирусот. Предвидено е во оваа болница да се носат пациенти со полесна и средна клиничка слика. Болницата се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективна клиника и од внатрешноста.
„Уште од почетокот на епидемијата во нашата земја болницата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле беше дедицирана за третман на сомнителни и заболени деца од КОВИД-19. Во моментот во Болницата се сместени три дечиња сомнителни на вирусот, чии резултати од тестови се чекаат. Од утре болницата ќе врши прием и на возрасни пациенти заболени од КОВИД-19“ соопшти вчера Министерството за здравство.
Покрај на Инфективната клиника, болницата „8 Септември“ која функционира како КОВИД-центар, сомнителни и заболени пациенти со коронавирус се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, а се подготвува и КОВИД-центар во Кавадарци.