Украинското обвинителство денес се откажа од барањето за притворање на поранешниот украински претседател Петро Порошенко во рамки на истрагата за злоупотреба на положбата во текот на неговиот мандат.
Претставник на обвинителството на денешното сослушување во Киев побарал од Порошенко да се јавува на судските покани и да не ја напушта земјата.
Судот за 1 јули закажа разгледување на новото барање на обвинителството, кое претходно наведе дека ќе побара притвор за поранешниот шеф на државата.
Порошенко, кој во моментов е опозициски пратеник, пристигна на сослушувањето, а пред судот биле собрани околу 1.000 негови приврзаници.
Порошенко (54), кој се збогати во индустријата со слатки (тој е сопственик на компанијата „Рошен“) и со производство на автобуси, е осомничен дека го принудил шефот на разузнавачките служби да ја злоупотреби службената должност при именувањето на еден свој помошник во 2018 година. Поранешниот шеф на украинската држава ја оцени кривичната постапка како „одмазда“.