Во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечер, со почеток од 19:00 часот ќе се одржи промоција на најновата стихозбирка од Ива Дамјановски насловена „Двоумење“.
– Ива пишува со хируршка прецизност, а текстот го третира со војничка дисциплина. Секој звук и секоја тишина во нејзината поезија се пресметани, а зборовите како камчиња за мозаик се одбрани. Секое нивно значење и секоја повеќезначност се намерни. Сѐ е подредено во служба на идејата и пораката. Лирското јас осцилира како клатно: од јас до ти, од јас до ние, вие, тие… Нејзината поезија е филозофска, а, сепак, полна со емоции. Нејзината мисла е јасна, чиста и насочена. А поетското око на Ива Дамјановски има ретка супермоќ, ги гледа обете страни на паричката истовремено, наведе македонската писателка, преведувач и издавач Јулијана Величковска за авторката на „Двоумење“.
Поетот Ѓоко Здравески истакна дека Дамјановски е од оние автори на кои им се радувате кога ги читате.
– Се радувате што некој толку талентиран решил да пишува. Таа е музичар по образование, па не е чудно што поезијата ѝ е еуфонична и што е полна со рими и со игри на зборови. Пишува едноставно, со обичен, секојдневен јазик, но пишува строго и луцидно созерцнува во стварноста што ја живее. Таа созерцателна моќ е најважниот талент од изобилството таленти што Ива ги поседува, нагласи Здравески.