ДОМ денеска на прес-конференција побара од инспекциските служби во Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје да кажат, кој, како што велат, е фантомскиот загадувач во Железара.
Христина Оџаклиеска, потпретседател на комисијата за екологија на ДОМ истакна дека двете најголеми фирми во кругот на поранешна Железара, Макстил и Скопски Легури тврделе дека не работат веќе три месеци и оти тие не загадуваат.
– Но, и со голо око се гледа експлозија од прав и гасови кои го трујат населението во Гази Баба и Бутел, па и пошироко, секоја вечер, рече Оџаклиеска.
ДОМ, додаде таа, ќе продолжи и понатаму да биде дежурна еко-патрола се додека не се исчистат сите 16 жешки точки во Македонија и не се обезбедат квалитетни услови за живот.
Оџаклиеска истакна дека ДОМ ќе побара средба со општинските инспекции во Гази Баба и Бутел, во Градот Скопје и во Министерството за животна средина и просторно планирање да се иницира поголема мобилизација на инспекциските служби и да се казнуваат оние кои неодговорно се однесуваат кон средината во која живееме и работиме.