„До политичка влада која ќе сноси целосна одговорност за состојбите во државата може да се дојде единствено преку слободни, демократски и фер избори, кои ќе ги подготви и организира техничката влада, што е и нејзината основна функција.
Република Северна Македонија како последица на пандемијата на корона вирусот се најде во ситуација на вонредна состојба да биде менаџирана од извршната власт, односно од техничка влада, без притоа да има функционална законодавна власт. Спротивно на Уставот и здравиот разум Собранието беше суспендирано и исклучено од сите политички процеси во државата и општеството. Наместо центар на политичкиот живот во услови на вонредна состојба Собранието, како претставнички орган на граѓаните, беше трансформирано во нем набљудувач на процеси кои често пати беа генерирани од најголемите „сојузници“ на корона вирусот, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За иронијата да биде поголема, сета таа тесно-партиска игра ја прават од позиција на учесници во техничката влада, отворено политикански кокетирајќи со црквата и џамијата“, велат од НСДП.
„Во услови кога министерот за внатрешни работи од МВР повторно направи МВРО, одработувајќи исклучиво партиска агенда, „војната“ со невидливиот непријател тешко може да се води, особено ако се знае дека станува збор за подмол непријател.
НСДП цени дека брзи избори и политичка влада со полна капацитет и целосна одговорност се единственото решение за состојбите во државата во овој момент. Нивното одложување за некои, наводно, подобри времиња може да ја внесе државата во хаотична состојба, која неминовно ќе води и до анархија, при што нема да се знае кој и што работи, и за што сноси одговорност, состојба која Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ најмногу ја посакуваат. Зарем може да се сфати како логично и нормално нивното секојдневно тврдење дека оваа Влада е неспособна (заедно со нивниот министер) да ги решава проблемите, а едновремено да не сака да ја прекине таа состојба и со брзи избори да дојде на власт и да ја спаси државата.
НСДП смета дека техничката влада нема потреба повеќе да бара, ниту пак претседателот на државата да носи одлука за уште едно продолжување на вонредната состојба.
Очигледно дека некој свесно, со единствена желба да се спаси од политичка одговорност, си поигрува со животите на граѓаните, минирајќи ја практично секоја одлука на надлежните институции кои деноноќно водат битка со пандемијата“, соопштуваат од НСДП.