Секој граѓанин може од денеска да провери дали е корисник на домашната платежна картичка. Списоците на корисниците согласно дефинираните каритериуми со владината уредба се изготвени и конечната листа е објавена на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, а веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да се издаваат на корисниците.
Ова го соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Нина Ангеловска, која додаде дека банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на оваа недела, а сите картички ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.
-Заведени се вкупно 324.479 корисници на листата за Домашна платежна картичка и согласно тоа мерката ќе чини 28 милиони евра, односно поточно 27,8 милиони евра. Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност. Ова ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на Ковид-19, истакна министерката Ангеловска.
Според неа, со користењето на картичките за краток временски период ќе се инјектираат висок износ на средства во трговијата на мало и услужната дејност.
Финансиската поддршка корисниците ќе ја добијат едноставно и без постапки за аплицирање.
-Ќе добијат домашна платежна картичка препознатлива со слоган „Купувам ДОМАШНО“ која ќе ја издаваат банките, на која ќе се наоѓаат средствата и која ќе можат да ја користат. Листата на граѓани на кои им следи финансиска поддршка e објавена на страната kupuvamdomasno.gov.mk. Со внесување на својот ЕМБГ секој граѓанин ќе може да го провери износот кој му следи и да добие информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката. Банките ќе ја доставуваат картичката до адресата на корисникот на финансиска поддршка, или лицето ќе може да ја подигне во банка. Банките оваа информација ќе ја објават на својата веб-страна и ќе исконтактираат во јавност, појасни Ангеловска.
Корисници на домашната платежна картичка се четири категории граѓани. Првата се граѓани со низок доход, односно приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 ден во 2019 и нето-доход до 60.000 ден. во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на Управата за јавни приходи. Во оваа категорија 115.927 лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка
Потоа вработени со низок доход кои се 117.144 лица и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно. Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари- април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија.
Домашна картичка добиваат млади лица чиј број изнесува 87.014 кои ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.
Домашна картичка ќе добијат и 4394 здравствени работници ангажирани во справување со Ковид-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од Ковид-19.
Министерката посочи дека издавачи на Домашната платежна картичка се НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка-Скопје, Комерцијална Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Охридска Банка, УНИ Банка, Централна Кооперативна Банка и Силк Роуд Банка, односно оние банки што изразија интерес за учество.
Граѓаните кои имаат една трансакциска сметка кај банка издавач на картичката ја добиваат од таа банка. Граѓаните кои имаат две трансакциски сметки, картичката ја добиваат од банката преку која добиваат плата или социјална помош. Оние граѓани пак, кои имаат трансакциска во банка која не е дел од проектот и граѓаните кои немаат трансакциска сметка се распределени кај една од банките според принцип на фер распределба.
Банките на своите интернет страни ќе ја објават постапката за комуникација со клиентите и начинот на нивната достава на картичките, односно доколку лицето е постоечки клиент на банката ќе добие смс порака кога ќе биде готова картичката и како ќе се подигне, а доколку лицето е корисник на финансиска поддршка и нема сметка во банката во која е распределен, банката ќе го контактира и ќе го извести за начинот на издавање и достава на картичката На корисниците ќе им бидат достапни и кол центри.
Картичката, банката ќе ја достави до адреса на граѓанинот или ќе може да се подигне во банка.
Најмногу картички има во НЛБ Банка и Стопанка банка. НЛБ банка ќе ги доделува на домашна адреса, но има и опција да се подигнат во експозитури. Стопанска банка и другите ќе ги дистрибуираат преку експозитурите.
Важно, вели министерката, е да се напомене дека граѓаните нема да има потреба да одат во банката да прашуваат кога ќе им биде готова картичката. Секоја банка овие информации ќе ги има објавено на своите веб-страни, на кои ќе се може да направи проверка каде и кога ќе ја подигнат картичката во зависност од местото на живеење.
Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одмаралишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало продавници за храна и пијалоци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.
Продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли-рафтови со ознака „КУПУВАM ДОМАШНО“. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.
Картичката ќе биде поврзана со наменска сметка, а за истата граѓаните нема да имаат никакви трошоци, односно нема да плаќаат надоместоци за издавање, водење, управување до крајот на 2020 година, членарина првата година и нема да плаќаат за затворање на сметката и картичката на барање на лицето корисник.
Министерката порача дека без разлика дали поседува домашна платежна картичка, кога одат да пазарат за секојдневни потреби да пазарат според начелото „Купувам домашно“.
Домашната платежна картичка е дел од третиот сет економски мерки кои имаат за цел да ја заживеат економијата во фазата на нејзино постепено реотварање.