Во паркот пред Културно – информативниот центар – Скопје денеска напладне ќе биде промовирана книгата „101 живот” од универзитетскиот професор Весна Мојсова Чепишевска. Посетителите кои ќе ја проследат промоцијата се повикуваат да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот со одржување дистамца и заштитни маски.
Книгата ќе ја промовираат, Кристина Николовска и Весна Мојсова – Чепишевска, со музичка изведба на Нико Ѓоргески.
Современите системи на комуникациј, како интернетот и мобилните телефони, толку отидоа напред што создаваат пополека но сигурно ситуација на тотално исчезнување на класичниот облик епистоларија. Книгата „101 живот“ се обидува да го разгори оганот за пишување писма, но и да си поигра со самиот жанр и храбро да се потпише како „роман“ во писма. Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Атанасиу преку електронските писма, преку дописките, преку пораките напишани на мобилниот телефон успеваат да раскажуваат, опишуваат, ослушнуваат, чувствуваат, сакаат, уживаат, тагуваат, болуваат/боледуваат, патуваат, (се) образуваат … и едноставно да создаваат приказни, колку свои, толку и туѓи, други, наведуваат во највното соопштени од КИЦ-Скопје.
Весна Мојсова – Чепишевска е универзитетски професор, критичар, есеист, антологичар. Од својата 10-та па сè до 18-тата година членува во Детското драмско студио при Македонската Радио Телевизија под раководство на Софија Гогова-Врчаковска. Притоа учествува во голем број радио-драми и радио-емисии за деца, како и во неколку тв-серии, а во „Првите цутови“ и „Едно лето“ игра една од главните улоги. Неколку години по завршувањето на средното училиште, додека студира, работи како презентер и водител во истата телевизиска куќа. Нејзините триесет години работен стаж на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, каде предава група предмети од современа македонска литература и култура, како и литература за деца, се во знакот на нејзиното учество на бројни семинари и симпозиуми и на околу 400 објавени трудови во домашни и странски книжевни списанија, од кои добар број со меѓународна редакција. Автор е на седум книги книжевна критика и есеистика, и (ко)приредувач на седум антологии, од кои пет во странство. Во моментот е и директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Промоцијата на книгата ќе биде пренесувана преку Live stream на Фејсбук страната на КИЦ-Скопје.