„Кругови“ на Срдан Голубовиќ го отвори 16. СФФ

Од:

Важните уметнички дела настануваат од важни теми на едно општество, а нив на овие простори ги има многу зашто сегашноста е многу турбулентна и занимлива. Нам не ни недостигаат силни емотивни, драматични, жестоки теми, рече на прес-конференција Срдан Голубовиќ, режисер на филмот „Кругови“ со кој вчера во кино Милениум почна 16. Скопски филмски фестивал.

Третиот по ред филм на овој српски режисер со темата која ја донесува предизвика внимание на големите фестивали – Санденс (каде доби специјална награда од жирито) и Берлинале (награда од Екуменското жири и полни киносали). Подлога на филмот е настан во Требиње, БиХ, за време на војната, 1993, кога младиот Србин Срѓан Алексиќ бил убиен од свои сонародници зашто спасил еден муслиман. Приказната во филмот е сместена по 12 години од трагичниот настан. Дали херојските дела имаат смисла, моралноста, простувањето, се прашања што ги отвора филмот на Голубовиќ.

– Единствена смисла на надежта е да веруваме дека доброто ќе победи, иако стварноста секој ден не демантира. Бидејќи злото секогаш раѓа некое ново зло, мене ме интересираше дали доброто може да произведе некое ново добро, рече Голубовиќ.

Него го инспирирал документарец за Срѓан Алексиќ, во кој неговиот татко (Раде), кој во филмот го игра актерот Александар Берчек, вели дека доколку подвигот на Срѓан ги натера другите луѓе да прават добри дела во иднина, за него смртта на неговиот син ќе биде помалку трагична. Таа реченица била клучна за сценариото.

– Од најтешката трагедија тој научил да прости. Верувам дека простувањето е најголема и највозвишена човечка емоција и во себе ги содржи сите емоции заедно и дека да простиш некому е есенција на храброст и величина на човекот. Филмот се занимава со простувањето, но и со луѓето кои преку простувањето се спасуваат себе, зашто тоа е емоција која му се враќа како бумеранг на тој што простува. Тоа е ослободување на самиот себе, рече режисерот.

Според него, на овие простори има висока доза на драматичност што, рече тој, е лошо за нашиот живот, но многу добро за уметноста.

– Осудени сме на големи теми. Кога ја слушнав приказната за Срѓан Алексиќ, сфатив дека е тоа можеби за мене лично најголема тема која сум ја слушнал. Сфатив дека Срѓан Алексиќ е јунакот што сум го чекал цел живот и дека во неговиот чин се наоѓа есенцијата на се она за што јас размилував за војните на просторот на поранешна Југославија. Неговиот херојски чин е нешто со што се поистоветувам лично, но и целата моја генерација, која имаше 18 години кога почна војната, а скоро 30 кога завршија сите војни на овие простори. Тоа време го одбележа мојот живот и имав потреба да направам филм што за мене ќе биде тестамент за тоа време и со него да завршам и повеќе да не правам филмови кои се занимаваат со 1990-тите, рече Голубовиќ.

Пред проекцијата на „Кругови“ синоќа во Милениум, режисерот рече дека има филмови што насмејуваат и што расплакуваат, но дека овој сигурно не е од првите. Ја поздрави скопската публика и кажа дека има многу луѓе од Македонија што влијаеле врз него, спомнувајќи ги режисерите Столе Попов, Милчо Манчевски и Слободан Унковски.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање