Мрежа од 60-тина млади експерти, сите со магистериуми во земјите на ЕУ, со своите експертизи во 19 области важни за македонските евроинтеграции ќе се обидат да придонесат за квалитетот на процесот на пристапување.
Станува збор за македонски стипендисти на амбасадите на САД, Велика Британија, Холандија, Шпанија и Италија, како и на Владата кои се вклучени во проектот „Вградување на знаењето за ЕУ”, осмислен како мрежа на Институтот за европска политика ЕПИ насловен „ЕПИ-нет“, кој е поддржан од Британската амбасада, а чија платформа се состои од млади експерти како оригинален, нов домашен ресурс.
Малинка Ристовска Јордановска, од Институтот за европски политики и Александар Јованоски од ЕПИ-нет сметаат дека владините институции имаат потреба од ваков тип експертиза, која е комлементарна со она што треба да се сработи во ЕУ интеграциите.
– Експертизата досега доминантно гравитира околу политичките критериуми, а економските се најслаби, сведени се на функционална пазарна економија. Услугите на мрежата експерти нема да бидат резервирани само за државните институции, туку ќе им бидат на располагање на приватниот сектор, граѓанските организации, стопанските комори, ЗЕЛС, вели Ристовска-Јорданова.
Од ЕПИ-мрежата за кон крајот на месецов најавија конференција на која ќе биде промовирана збирка документи од областа на јавната политика, која ќе понуди идеи и сугестии во однос на водење и спроведување на процесот на пристапување на земјата кон ЕУ.