Кристина Крамер: Модерниот македонски јазик корените ги има во доцниот 18. век

Од:

Стандардизацијата на модерниот македонски јазик своите корени ги има во доцниот 18 век, во времето кога се формирале сите словенски идентитети. Тоа е посебен јазик и не држат тврдењата на некои од соседните држави за „вештачкиот карактер“ на македонската нација и култура, тврди професор Кристина Крамер, македонист од Универзитетот на Торонто.

– Има секакви глупости на овој свет. Македонскиот јазик честопати го нарекуваат измислен јазик. Божем, Тито едно утро рекол, нека биде македонски јазик, и биднал. Всушност, стандардизацијата на модерниот македонски јазик своите корени ги има во доцниот 18 век, во времето кога сите словенски идентитети се формирале, додека Отоманската империја се повлекувала од Балканскиот полуостров, изјави Крамер, на предавањето што го одржа во просториите на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон, каде зборуваше за развојот на македонскиот јазик по поделбата на Македонија со договорот од Букурешт во 1913 година.

Според неа, тогаш првпат македонската територија е поделена и природниот развој на јазикот прекинува во тој момент.

– Потоа има разни тенденции за јазикот во разните делови на Македонија. Тоа е многу жално, за Македонија, и за македонскиот јазик, оцени Крамер.

Канадската професорка, која е почесен член на Македонската академија на науките и уметностите, коментираше и за политичката состојба околу Македонија, и грчките барања да се промени името на државата како услов за продолжувањето на евро-атланските интеграции.

– Мислам дека името не треба да се менува. Нема друга Македонија, нема друг македонски јазик. Ако има северен-македонски јазик или горно-македонски јазик, нема да има јужно-македонски јазик. Во целиот свет разбираат дека има македонски јазик, со кој зборуваат сите во Република Македонија, изјави Крамер.

Таа вчера одржа предавање во Библиотеката на Конгресот, најголемата библиотека во светот, каде зборуваше за творештвото на писателот Луан Старова и за нејзините преводи на неговите книги „Време на козите“ и „Татковите книги“. Професор Крамер го опиша трагањето на семејството Старова по својот идентитет, по бегството од комунистичка Албанија и обидите на Луан Старова со своите книги да ги поврзе балканските народи, кои, според Крамер, се своевидна против-тежа на книгата Балкански духови на Роберт Каплан, кој ги претстави балканските омрази како нешто непроменливо и, според многу оценки, влијаеше врз американската администрација да се одложи нивната интервенција во војната во Босна.

– Читањето на книгата на Каплан за мене беше толку вознемирувачко, начинот на кој беа сатанизирани луѓето од Балканот, што сметав дека можеби единствено оружје кое ми е на располагање да се борам против политиката на поделеност е да ги преведам делата на Луан Старова на англиски јазик, изјави Крамер.

Предавањето на професор Крамер во Библиотеката на Конгресот беше заеднички организирано од Обединетата македонска дијаспора и Албанската американска национална организација, која работи за заштита на албанското културно наследство. Ова е втор ваков заеднички проект на ОМД и на ААНО, на претставување автори кои ги поврзуваат двете земји, по претставувањето на делата на македонскиот писател од Пустец Стерјо Спасе.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска