Поради изведување работи за изградба на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица од понеделник до петок периодично ќе има целосно запирање на сообраќајот на овој дел од Коридорот 10 во временски интервали од по еден час.
Запирањето на сообраќајот, како што информира АМСМ, е со цел да се обезбедат предуслови за безбедна и сигурна инсталација на системот за заштита при паѓање на карпи, односно поставување бариера и мрежа против паѓање карпи, на влезот на постоечкиот тунел кај Демир Капија.
Сообраќајот секој ден од понеделник 22 април до петок 26 април ќе биде целосно во прекин во периодите од 9:30 до 10:30 часот, од 11:30 до 12:30, од 13:30 до 14:30 и од 15:30 до 16:30 часот.
Работите за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица ги изведува АКТОР А.Д.Т. – подружница Скопје.