Техничкиот премиер Оливер Спасовски кажа дека состојбата со коронавирусот е под контрола, при што ги соопшти новите одлуки на Владата. Тој кажа дека вирусот ќе биде присутен додека не се стекне имунитет или не биде пронајдена вакцина. Тој кажа дека Владата донела одлука сите лица кои се спроведени во државен карантин да направат ПЦР тест, па доколку е тој негативен, да бидат препратени во домашна самоизолација.
„Сите лица кои се спроведени во државен карантин на свој трошок можат да направат ПЦР тест во објектите во кои се сместени и доколку е негативен, да бидат упатени во домашна самоизолација“, рече Спасовски.
МНР побарало, а Комисијата за заразни болести изготвила протокол за странските дипломати да можат да се вратат во земјата и да продолжат со своите активности.
„На предлог на МНР е подготвен протокол за странски дипломати акредитирани во земјата, како и членови на нивните семејства, кои доколку приложат медицинска потврда за негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа пред влез во Северна Македонија, ќе можат тековно да ја извршуваат својата работа, без упатување во домашна изолација“, додаде Спасовски.
Во идниот период ќе се изготви и протокол за влез и излез од државата.
„Ги задолживме Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез од државата“, додаде Спасовски.
Тој потенцираше дека вирусот е присутен, а мерките мора да се почитуваат.