Во последната фаза од „Рекет“, обвинителката Вилма Русковска пред судот кажа дека одбраната на обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, се обидува да докаже нешто што не се докажува. Русковска рече дека со сведочењето на Ана Камчева се докажало како течела исплатата на првите 500.000 евра, а потоа дека Сергеј Варошлија го потврдил тоа, со тоа што сведочел дека ги гледал осудениот Зоран Милески-Кичеец и Камчева како доаѓаат во канцеларијата и домот на Јовановски. За исплатата на останатиот еден милион, Русковска кажа дека тоа е докажано со исказот на Камчев.
„Од тие кои ги поддржувавме, доживеавме разочарување кога клучниот лик во ‘Чарлиевите ангели’ премина на страната на злото”, рече Русковска во завршните зборови.
Русковска го коментираше и исказот на Бојан Јовановски пред судот, за што кажа дека Обвинителството поседува докази дека Јанева и Јовановски разговарале и за предмети на СЈО, покрај љубовните и семејните работи, како што сведочеше обвинетиот.
Обвинителката го искоментира и надоместокот кој Јанева го земала за чување на тајни: „Не знам зошто Јанева земаше пари за чување тајни кога Јовановски го знаеше предметот ‘Империја’ подобро и од Стефанова“.
За добивањето на пријавата за „Рекет“ од страна на Орце Камчев, Русковска рече дека во тој момент мислела дека се наоѓа во лош сон, а за побараните пари: „Повеќето од нас не можеме да ги замислиме ни на сон, а не на јаве“.
По завршните зборови на Обвинителството, тоа ќе го направат и обвинетите, како и нивните бранители. Судењето за „Рекет“ трае шест месеци и е во завршна фаза.