Здравствените власти работат на откривање на нултиот пациент од кого тргнало пренесувањето на коронавирусот меѓу полицајците од Единицата за брзо распоредување. Директорката на санитарниот и здравствен инспекторат Иринка Сотирова – Бухова денес потврди дека седуммина полицајци се позитивни на коронавирусот, а се проверуваат 39 нивни контакти.
„Информациите кои ги имаме говорат дека има седуммина позитивни и откриени се 39 нивни контакти. Плус се врши анализа на нивните контакти во Скопје. За тоа како кој е нултиот пациент, меѓу нив одговор ќе даде епидемиолошката анкета. Таа е во тек, кога ќе заврши во целост ќе имаме поконкретни информации“, рече директорката Сотирова – Бухова.
Инспекторатот има информација дека полицајците се заразиле во Охрид. Тие работно престојувале во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи во Охрид.