Русија и Турција го поддржуваат мирното решавање на конфликтот во Сирија со почитување на законските стремежи на народот на оваа земја, се посочува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на двете земји Сергеј Лавров и Ахмет Давутоглу, усвоена на третото заседание на руско-турската Заедничка група за стратегиско планирање, цитирана од руските медиуми.
Двајцата министри изразија сериозна загриженост за гинењето луѓе, масовните разурнувања и човекови страдања, како и за последиците од конфликтот за соседните земји и регионот како целина, се наведува во декларацијата од средбата во Истанбул.
Лавров и Давутоглу се согласија да ја продолжат соработката во согласност со заклучната декларација на Групата за акција за Сирија од 30 јуни 2012 година.
Улогата, што ја игра групата „Пријатели на Сирија“ во сирискиот конфликт, се покажа негативна, изјави Лавров пред новинарите по средбата со Давутоглу.
Лавров ова го посочи на само три дена пред новата средба на групата „Пријатели на Сирија“ во Истанбул.
-Засега ние сметаме дека овој процес негативно се одразува врз спогодбата од Женева за принципите на преодот во Сирија, рече Лавров. „Кога една од земјите е изолирана во еден механизам, создаден за решавање на конфликтот, ние не располагаме со неопходните основи за дијалог“, додаде тој.
Русија, која не учествува во групата „Пријатели на Сирија“, е еден од последните поддржувачи на сирискиот режим и таа неколку пати го блокираше воведувањето санкции против Дамаск во Советот за безбедност на ОН.
Турција преземаше и ќе ги презема сите можни чекори во врска со Сирија, изјави турскиот министер.
Давутоглу посочи дека меѓународната заедница треба да изработи единствена позиција за Сирија и да дејствува заеднички. Тој подвлече дека е неопходно итно да заспре крвопролевањето во Сирија и да се задовлат барањата на сирискиот народ.
Давутоглу потсети дека Турција им дала засолниште на 100.000 сириски бегалци и нивниот број и натаму расте.