Рочиштата за предметот „Рекет“ кои беа закажани за утре и задутре, се одложуваат и ќе се одржат на 26 и 27 мај. Од Кривичниот суд-Скопје, велат дека ваквата одлука е донесена по претходно барање од јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
„Заради интерес на медиумите и набљудувачите од невладините и меѓународните организации кои го следат судењето со КОК.бр. 116/19 во јавноста познат како „Рекет“, ја информираме јавноста дека по барање на Јавниот обвинител, продолжението на главната расправа насрочено за 19 – ти и 20 – ти мај 2020 год. се одлага.Следните закажани термини се на 26 – ти и 27 – ми мај 2020 год. во 10:00 часот за што веќе се известени и странките во постапката“ се вели во известувањето од Кривичен суд-Скопје.
На следното рочиште, Обвинителството и одбраната треба да ги дадат нивните завршни зборови.
Претходно, во судот Катица Јанева даваше исказ, со што заврши доказната постапка за предметот Рекет во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.