Големите ѕвона на кулата-часовник во Лондон, позната како „Биг Бен“ ќе бидат денеска „замолчени“ во текот на одржувањето на погребната церемонија за поранешната британска премиерка Маргарет Тачер.
Камбаните на кулата се огласуваат на два пати во текот на шеесет минути, а го отчукува и секој час во текот на денот, што е долга традиција, уште откако е изградена кулата, во средината на 19 век.
Решението за „замолчувањето“ на „Биг Бен“ е донесено со решение на Парламентот, а соопштението за тоа го даде спикерот Џон Беркоу.
Кулата со часовникот, која од минатиот јуни, официјално се нарекува кула Елизабета Втора, во чест на 60 годишнината откако кралицата е на британскиот престол, е слепена за зградата на Парламантот, но не е и никогаш не била дел од него.
„Биг Бен“ е еден од симболите на Лондон и голема туристичка атракција.
Денешниот погреб на Тачер предизвика и суспензија на редовната парламентарна седница, со пратенички прашања до премиерот Дејвид Камерон и дебатата по нив, во која главниот момент се прашањата на лидерот на опозицијата Ед Милибанд и одговорите на премиерот. Ова требаше да биде прва ваква дебата по долгиот распуст во чест на Великденските празници и традиционалниот пролетен распуст на Парламентот.
Одлуката за суспензија на дебата, што секогаш почнува во 12 часот по британско време, беше донесена со големо мнозинство во Долниот дом. Пратеници од крајната левица, се спротивставуваат на ваквото решение, а пратеникот од партијата Респект, поранешен пратеник од Глазгов за лабуристите, Џорџ Галовеј изјави дека демонстративно ќе седи во салата за седници, незадоволен што од погребот на некогашната „Челична леди“ се прави државен погреб иако за тоа нема такво решение.
Погребната поворка која ќе минува низ центарот на Лондон, од згрдата на Парламентот во Вестминстер ќе ја надгледуваат четири илјади полицајци. Тие се дел од масовната безбедносна операција која се грижи за сигурноста на целиот погреб и за бројните гости. Домашни и странски анархисти се заканија со предзвикување нереди и запирање на поворката, кога таа ќе минува низ лондонските улици на патот до катедралната црква Сент Пол, на влезот од финансискиот центар Сити.