„Сè уште мислам дека треба да останеме тука и да не дозволуваме влез во Република Северна Македонија, сè додека не се покаже и низ бројки и во државите во регионот, и внатре кај нас дека имаме намалување на епидемијата во рамки во кои можеме да дозволиме отворање на границите и слободно движење на граѓаните“, изјави денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски на прашањето кога би можело да се очекува отворање на границите.
Тој рече дека ова прашање ќе зависи од сите земји од регионот.
„Ние имаме план во однос на сите активности коишто ни се случуваат, односно сите работи кои треба да ги преземеме како мерки во наредниот период. Едно од тие прашања, е секако отворањето на границите. Тоа, нема да зависи само од нашата земја, туку ќе зависи од сите земји во регионот. Наша желба е тоа да се случи поскоро, меѓутоа тоа зависи од сите нас, колку сите заедно ќе се однесуваме сериозно и одговорно кон оваа криза. Тоа го повторувам од првиот ден на кризата, толку побрзо ќе завршат и сите овие мерки и ќе се вратиме во таа нова нормалност, која нè очекува“, рече Спасовски.