Парламентот на Белорусија денеска ги распиша претседателските избори за 9 август.
Претседателот Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, минатата година најави кандидатура за уште еден мандат.
Како што пренесуваат странските агенции, САД и ЕУ редовно ги критикуваат белоруските власти за лошо спроведени избори и „гушење“ на опозицијата.
Минатогодишните парламентарни избори целосно ја отстранија опозицијата, а сите 110 места во Парламентот припаднаа на поранешни владини функционери, дипломати и членови на провладини партии.
Набудувачите на ОБСЕ во тоа време рекоа дека „основните слободи се запоставени и дека интегритетот на изборниот процес не е соодветно заштитен“.
Доколку 65-годишниот Лукашенко победи на овие претседателски избори, тоа ќе биде негов шести последователен мандат.