Издавачкиот центар ТРИ ја објави книгата „Лили, сама“ од англиската авторка Џеклин Вилсон, која е дел од новата едиција „Магични приказни“ поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Издавачот наведува дека се работи за книга за современите несовршености и проблеми на едно семејство, која тера на размислување. „Лили, сама“ е урбана авантура која го поставува најважното прашање кон родителите, но и децата – каква е личната одговорност и општествената правда кога улогите на децата и родителите се сменети? Преводот од англиски на македонски е на Ацо Пероски.
Авторката Џеклин Вилсон е меѓу најпознатите современи англиски романсиерки, авторка на голем број бестселери за деца преведени на над 30 јазици.
Од 2002 до 2008 година е прогласена за една од најчитаните автори во библиотеките. Од мала читала и пишувала и својот прв „роман“ од 21 страница го напишала на девет години.