Меѓународниот туризам е погоден од пандемијата на коронавирусот, а до крајот на годинава бројот на меѓународни пристигнувања на туристи би можел да се намали за дури 80 проценти, проценува Агенцијата за туризам на ООН.
Во првиот квартал, бројот на меѓународни туристички пристигнувања поради пандемијата веќе опадна за 22 проценти, или 67 милиони, според новиот туристички барометар на Светската туристичка организација на ООН (УНВТО).
Само во март, тој беше намален за 57 проценти бидејќи многу земји воведоа ограничувања за движење и патувања.
Падот на пристигнувањата во првите три месеци од оваа година значи 80 милијарди американски долари изгубен извоз, покажува студијата на УНВТО.
Состојбата во туристичкиот сектор може уште повеќе да се влоши, велат од Агенцијата.
Доколку се укинат ограничувањата за патувања на почетокот на јули, бројот на туристи може да падне за 58 проценти оваа година, тврди УНВТО.