Годинешното 53-то издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе понуди квалитетна програма и содржини што ќе го привлечат вниманието на пошироката публика, покрај вистинските вљубеници на класичната музичка и сценска уметност.
Иако не е соопштена целата програма на годинешното фестивалско издание, од она што веќе беше објавено од организаторите, неколку врвни имиња од областа на уметноста треба да придонесат фестивалот да го задржи високото реноме што го ужива меѓу светските фестивали. Mеѓу самиот крем на годинешната фестивалска програма ќе биде настапот на светската атракција, спектакуларниот гудачки квартет „Бонд“ кој по седумгодишни преговори доаѓа во Охрид.
Се очекува на 27. јули за кога е предвиден концертот да се бара билет повеќе на сцената на Атничкиот театар, оттаму што тоа е нивни прв настап во овој дел на Европа.
– После седум години преговарање, работа, труд и трпение, конечно големата атракција „Бонд“ на „Охридско Лето“. Изминатите години имаше неколку обиди концертот на „Бонд“ да се реализира во Скопје, но ваква светска атракција заслужува да биде претставена за прв пат во Македонија исклучиво на „Охридско Лето“, како најзначајна музичко сценска манифестација во Република Македонија и верувам радоста ќе ја споделиме со многубројната публика што ќе го посети овој концерт, изјави по повод нивното гостување во Охрид селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова – Неделковска.
Квартетот „Бонд“ е група што инспирацијата ја црпи од класичната, латино, џез, фолк, рок, поп, електро музиката. Нивниот успех е препознаен насекаде во светот. Четирите актрактивни девојки зад себе имаат многу албуми, дел од нив продадени во платински тиражи во 56 земји. До сега севкупно имаат тираж од повеќе од четири милиони албуми.
Нивниот последен албум „ПЛАЅ“ што го издадоа во средината на 2011 година постигна огромен успех и е продаван во многу земји низ светот. Минатата година „Бонд“ имаа спектакуларен настап заедно со Расел Бренд на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Лондон.
Од управата на „Охридско лето“ најавија уште многу други атрактивни концерти и театарски претстави, што ќе бидат соопштени дополнително.