„Скитникот и синовите“ е нова книга од бугарскиот автор Александар Секулов. Книгата е дел од едицијата „Магични приказни“, проект поддржан од Европска Унија, а во реализација на Издавачки центар ТРИ, во соработка со „Креативна Европа“. Книгата е преведена од Душко Крстевски.
-„Скитникот и синовите“ е поморска авантура. Главниот лик е капетан Јосиф, висок, зеленоок, со долга сребреникава коса. Иако има полни едра на својата јахта „Барболета“, сфаќа дека животот му е празен и осамен. Тој ќе мора да ѝ погледне на вистината во очи откако ќе помине извесно време со децата на своите најдобри пријатели – и со сопствениот син, кого не го видел со години. Токму тие ликови ќе го предизвикаат да проѕре малку подлабоко во личното море. Оваа книга е храбро впуштање во сопствената душа и осветлување на внатрешните длабочини, објаснуваат од издавачкиот центар ТРИ.
Александар Секулов е добро познат на бугарската сцена не само како автор туку и како креатор на културниот живот во родниот Пловдив. Автор е на романите „Колекционер на љубовни приказни“, „Малата светица и портокалите“, „Господ слегува во Атина“, како и на поетските книги „Седмо небо“, „Карти и географии“ и „Високо, над далечината“. Носител е на наградата „Аскеер“ за пиесата „Нема струја за електричниот стол“.