Со проекција на „Суперкласико“ од Оле Кристијан Мадсен утре во Кинотеката на Македонија завршува Циклусот дански филмови.
Вечерашниот термин е резервиран за „Смешниот човек“ на Мартин Зандвлит во кој улогите ги толкуваат Николај Ли Кус, Џули Зангенберг, Ларс Ранте, Ларс Бројгмен, Малу Рејмен, Мортен Кјерсков.
Филмот е биографија за данскиот комичар Дирк Песер. Во заводлив стил на седумдесеттите, ја открива осаменоста во која Песер се наоѓа по доживаната голема и неочекувана слава. Тој се бори меѓу сопствената желба да ја добие почитта на критичарите и потребата да го задоволи вкусот на публиката. По цена на блиското пријателство со партнерот на сцена Клејд Петерсен, Дирк ќе проба нешто посериозно, да го постави „Глувци и луѓе“ на Стајнбек. Но, само што се појавува на сцена, публиката прснува во смеа.
„Суперкласико“ зборува за Кристијан, трговец со вино, кој е на раб на банкрот. Ништо не му поаѓа од рака скоро на сите полиња во животот. Пред повеќе од 2 години сопругата Ана го напуштила. Работи како спортски менаџер во Буенос Аирес и живее со фудбалерот Хуан Диаз. Еден ден, заедно со неговиот 16-годишен син Оскар, ќе се појави во Аргентина, наводно за да побара од Ана да ги потпише документите за развод. Всушност, се надева дека повторно ќе го освои нејзиното срце.
Публиката синоќа имаше можност да го види долгометражниот анимиран „Жика жабарот“, а завчера беше прикажан „Меланхолија“ на Ларс вон Триер со кој почна Циклусот дански филмови.