Некои историски константи не можат да бидат предмет на политичко договарање, смета пратеничката Фросина Ременски прашана во врска со тоа како гледа на несогласувањата што постојат меѓу нашата земја и Бугарија за Гоце Делчев.
– Фактот дека Гоце Делчев е наша историска константа вткаена во нашата државност и во нашата револуционерна борба и во тој контекст не може да има какви било политички толкувања, меѓутоа историските факти треба да се земат предвид и секако да се почитува фактот дека нашиот великан Гоце Делчев почива во престолнината на слободна и суверена Македонија, како што и беше неговиот аманет. Во далечните времиња на поствоена Југославија заедно со великанот Јосип Броз Тито, чија смрт ја одбележуваме, исто така, на денешен ден, вреди да се спомене дека благодарение на соработката моштите на Гоце Делчев почиваат во Скопје. И денеска ја имаме таа историска можност како нови генерации и генерации кои ги следат неговите идеали да се поклониме пред неговиот гроб и да оддадеме почит на неговите дела за нашата државност, изјави Ременски, која ја предводи собаниската делегација која положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје по повод 117-годишнината од неговата смрт.
Нагласи дека нема да коментира ставови на други интелектуалци за националната припадност на Делчев.
– Јас сум добитник на наградата „Гоце Делчев“ за придонес за наука од интерес на Република Македонија од 2008 година. Секој интелектуалец кој творел и работел на полето на нашиот историски континуитет и нашата државност има свој став по одредени прашања. Јас мојот став го кажав – Гоце Делчев е наш великан кој е вткаен во темелите на нашата државност и воопшто не би коментирала интелектуални гледања на други интелектуалци кои можеби мислат поинаку. Сметам дека Гоце Делчев заслужува да биде столбот како што и досега е на нашата државност и мислам дека тоа не треба никој да го доведе под знак на прашалник ниту политички, ниту, пак, историски, потенцира Ременски.
Со панихида во чест на идеологот на македонското револуционерно движење во сослужение на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан денеска во црквата „Свети Спас“ во Скопје беше одбележана 117-годишнината од смртта на Гоце Делчев.
Цвеќе пред споменикот на Делчев положија бројни делегации, меѓу кои и делегација од Собранието предводена од пратеничката Фросина Ременски.
– Од името на Собранието положивме цвеќе на гробот на нашиот великан Гоце Делчев и со тоа оддадовме почит на неговата државотворна улога во целокупниот развој на нашата државност. На сите граѓани сакам да им порачам дека ние како заедница, како народ треба да бидеме горди што во нашата историја го имаме Гоце Делчев, нашиот великан којшто се втемели во нашата историска битка за самостојна независна суверена Македонија во заедница со сите држави на светот, рече Ременски по положувањето цвеќе.
Свежо цвеќе положија повеќе делгации.