Демократската обнова на Македонија (ДОМ) ги повикува сите градоначалници и советници избрани на локалните избори 2013 да ја поддржат Декларацијата за зелени општини.
– За поздрав и поквалитетен живот треба да се создадат услови за зелени општини по мерка на граѓаните, рече денеска на прес-конференција претседателката на ДОМ Лилјана Поповска.
Декларацијата предвидува доследна примена на Законот за животна средина и другите еколошки закони, борба против сите видови загадување (воздух, вода, почва, бучава), одржливо управување со отпадот и водите, заштита и проширување на зелените површини, паркови и места за рекреација, подобрување на сообраќајот и јавниот транспорт според еколошки стандарди, со изградба на велосипедски и пешачки патеки, штедење енергија, примена на обновливи енергии и енергетска ефикасност во јавниот и приватниот сектор, отворање зелени работни места и зелени бизниси во општините.
ДОМ предлага и естетски урбанистички решенија согласно еколошки стандарди, подобри услови за престој и згрижување на децата и постарите лица и вклучување на лицата со посебни потреби и другите маргинализирани групи во сите текови на општественото живеење, чување на разновидноста и автентичноста на природното и културното наследство, современ и хуман третман на бездомните животни според светските стандарди, како и подигање на јавната еколошка свест преку едукација на локалните општински служби, бизнис секторот и граѓаните.