Досега 41 уметник настапија во рамки на програмата „Култура во време на корона“

Од:

Од првиот маалски концерт што се одржа на 15-ти месецов па до денеска, како дел од програмата „Култура во време на корона“ на отворено настапија 41 уметник, во 17 проекти.

Во време на полициски час, како што велат од Град Скопје, тие за граѓаните понудија разновидна програма – концерти на класична, поп, рок, алтернативна и електронска музика, како и видео-визуелна уметност, имаа одличен прием кај околните жители и постигнаа голема гледаност на социјалните мрежи на Градот со над 180 илјади прегледи.

Како дел од програмата „Култура во време на корона“ настапи досега имаа Lepi Xhoni, Eye Cue, Христина Зафировска, Артан Кастрати, Funk Shui, Musaiq, Гоце Илиевски, Арда Мустафоглу, Емилија Попивода, Дуња Иванова, Силви Бенд, Pluto`s Doubts, South park, Пламенка Трајковска – квартет, DJ Еlectron, Мартин Мила и Agni Avshar.

– Значајно е да се нагласи дека досега музичарите изведуваа инструментална музика и дела на македонски, албански и на англиски јазик, а во иднина ќе се изведуваат музички дела и на други јазици. Од вкупните 41 уметник кои настапија досега, 29 се машки, а 12 женски изведувачи, се вели во соопштението.

Изведувачите настапуваа на повеќе локации низ градот, во шест скопски општини, и тоа во паркот „Ибни Пајко“, во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, во паркот во Скопје Север, во Топанско поле, на Млечен, во паркот „Шопен“ во Кисела Вода, во Аеродром кај „Стела“, кај Музејот на современа уметност и на покривот на „Домот на градежници“. Нивните настапи беа стримувани на фејсбук страницата и на јутуб каналот на Град Скопје

– Град Скопје, заедно со градските културни институции, на 13-ти месецов, објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом. Заинтересираните уметници може да се пријавуваат на https://mkc.mk/vesti/grsk_povik1/, потсетуваат од Градот.

Со овој повик, како што посочуваат оттаму, ќе се поддржат проектите маалски изведби во времетраење до два часа, техничката опрема ќе биде обезбедена од културните установи на Град Скопје и виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…, во времетраење до два часа.

Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.

– Програмата „Култура во време на корона“ и во наредните денови за граѓаните ќе понуди концерти, изложби, видеоарт презентации, настапи на диџеи и состави на класична музика, како и театарски изведби, додаваат во соопштението.

Би можело да ве интересира

Шилегов: Скопје беше прва локална самоуправа во Европа со проект „Култура во време на корона“

Жарко Настоски

Репризи од „Култура во време на корона“ за време на полицискиот час во Скопје

Ана Ололовска

ЈУ Универзална сала и Skopje Light Art District со видео проекција за благодарност до сите што се борат против коронавирусот

Ана Ололовска

Вечер концерти на две музички групи во рамки на Програмата „Култура во време на корона“

Ана Ололовска

Во рамки на програмата „Култура во време на корона“, вечер две нови изведби

Ана Ололовска

„Љубојна“ вечер ќе пее во Буњаковец, „Бонифејс“ во Чаир

Ана Ололовска