„Херојски приказни: Митови, легенди и приказни од различни делови на светот“ е новата книга во издание на „Арс Либрис“ чија онлајн промоција ќе се одржи вечер во 19 часот преку фејсбук профилот на „Литература.мк“.
Книгата е дел од „Арс Ламина – публикации“, а станува збор за прв дел од едицијата „Мнемосина“. Вклучени се прeводи на приказни, митови и легенди, кои од англиски јазик ги преведоа 11 студенти од трета година од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, под менторство на доц. д-р Мира Беќар.
-Со отворањето на оваа книга тргнувате во авантура која ќе ве однесе од топлите мориња на Медитеранот до студените, страшни шуми на Северот. Ќе видите како Прометеј им го подарил огнот на луѓето, како Персеј ја поразил горгоната Медуза, и како Херкул ги извршил сите дванаесет задачи. Но, исто така, ќе ја откриете истрајноста на Фритјоф, љубовта на Лоенгрин и убавата Елса, и тврдоглавоста на ковачот Вејланд, наведуваат организаторите.
Оттаму посочуваат дека во овие приказни е наталожена вековна историја, традиција и мудрост, интересни, возбудливи и го привлекуваат нашето внимание.
На онлајн промоцијата ќе се вклучат студентите и нивната професорка по Современ англиски јазик, кои ќе ја претстават книгата „Херојски приказни“ и проектот „Мнемосина“.