По информациите дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е во тешка здраствена состојба, неименуван американски разузнавач тврди дека САД имаат опсежен план за справување со очекуваната криза од масовни размери во Северна Кореја.
Тој за „Фокс њуз“ наведе дека при евентуална смрт на Ким, Северна Кореја ќе се соочи со голема хуманитарна криза, милиони луѓе би останале без храна, што би покренало масовен егзодус во Кина.
Според него, американскиот план во голема мера се потпира на Кина, која би помогнала во контролирање на ситуацијата во Северна Кореја.
Си-Ен-Ен вчера објави дека САД ги следат информациите на тајните служби според кои лидерот на Северна Кореја е во критична состојба по операцијата на срцето.
Гласините за неговата здравствена состојба беа поттикнати откако Ким не се појави на одбележување на роденденот на неговиот дедо на 15 април. Тој последен пат е виден на 11 април на владина седница.
Јужнокорејските медиуми вчера објавија дека на севернокорејскиот лидер на 12 април му била извршена операција на срце. Според неофицијални информации тој по операцијата е сместен во вила во Хујангсан и е под лекарска контрола.
Северна Кореја строго ги контролира информациите, посебно за Ким, кој во земјата има статус на божество.