Семејството на поранешниот британски премиер Маргарет Тачер, која во понеделникот почина на 87-годишна возраст, не сака на
нејзиниот погреб да присуствуваат аргентински официјални претставници.
Организаторите на погребната церемонија и протоколот во Вајтхол, седиштето на британската Влада, сугерирале официјална покана за присуство на погребот да биде испратена и до Аргентина, но нејзините син и ќерка Марк и Керол Тачер, се изјасниле против таквиот предлог.
– Тоа е сосема несоодветна и неумесна идеја, се вели во пораката што тие ја испратиле до организаторите на погребот, што ќе се одржи на 17 април во катедралната црква „Сент Пол“ во Лондон.
Поранешниот британски премиер водеше 74-дневна војна со аргентинските сили, кои пред тоа извршија инвазија на Фокландските Острови. Медиумите и политичарите во Буенос Аирес остро ја критикува и осудува Тачер поради решението, со воена сила да ја поврати контролата врз островите за кои Аргентина тврди дека се нејзини и за кои двете земји спорат уште од 1833 година.
Тачер испрати армада од 127 помали и поголеми британски воени бродови во војната, во која загинаа илјада војници на двете страни.
Велика Британија и Аргентина и сега се во остра „вербална војна“, што ја наметна аргентинската претседателка Кристина Кирхнер, откако околу островите беше откриена нафта, а посебно кога Британците ја одбележуваа војната од 1982 година и ослободувањето на островите.
Во Аргентина победата на Британците во војната од пред 31 година се прикажува како нова окупација на овие острови во Јужниот Атлантик.
Тачер ќе биде погребана идната среда со воени почести со учество на 755 војници од сите три рода на британската армија, меѓу кои ќе бидат и припадници од Велшката гарда, која претрпе најголеми загуби во Фокландската војна.
За погребот ќе бидат испратени 2.300 покани. Британската јавност е поделена околу тоа дали погребот на Тачер не се претвора во државен, што е спротивно на она што беше најавено.
Полицијата во Лондон стравува од можноста од насилни протести за време на погребот, предизвикани од страна на некои домашни анархистички групи.