Собранието на Република Македонија во рамките на денешната расправа по дневниот ред на 58. седница го разгледа Предлог-законот за преземање на акционерските друштва во прво читање и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Заменик на министерот за финансии Ардиан Џеладини, појасни дека причината заради која се предлага донесување на нов Закон за преземање на акционерските друштва е потребата од натамошно усогласување со Директивата 2004/25/ЕЗ за понуди за преземање. Покрај тоа, се предвидува и јакнење на заштитата на сопствениците на хартии од вредност, пред се малцинските акционери во компаниите кои се предмет на преземање, како и воспоставување на јасни и транспарентни правила при преземање на акционерските друштва.
Собранието го разгледа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост во прво читање и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Со донесувањето на предложените измени и дополнувања на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, информира заменик министерот Џеладини, се воведува законска основа за бесплатно отстапување на одземени стоки кои повредуваат право од интелектуална сопственост на државен орган. Со нив се пропишува прекршочна одговорност за правни и физички лица кои ќе внесат или изнесат или ќе се обидат да внесат или изнесат во и од царинското подрачје стока која повредува иста трговска марка која од нив веќе еднаш била одземена поради повреда на право од интелектуална сопственост.
Пратениците на денешната седница го разгледаа и Предлог-законот за воведување на систем за управување со квалитет и заедничка рамка за проценка на работењето и давањето услуги во државната служба во прво читање и заклучија дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски појасни дека целта на Предлогот е градење на ефикасна и ефективна јавна администрација и стимулирање на културата на управување со квалитетот во јавниот сектор.
– Имајќи ги во предвид досегашните согледувања во однос на постоечките капацитети на државната служба, се увиде дека во секојдневното нејзино работење недостасува спроведувањето на управување со систем за квалитет, во рамките на реализацијата на надлежностите на државната служба утврдена со закон. Целта на Предлог-законот е преку воведување меѓународни стандарди за управување со квалитет и заедничка рамка за проценка да се обезбеди подобар квалитет на услугите на државната служба, рече Ивановски.
Нагласи дека системот за управување со квалитет треба да осигури барањата на меѓународниот стандард ИСО 9000 да се применуваат еднообразно и постојано во текот на основните, но и на поврзаните работни функции.
Собранието денеска го разгледа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието во прво читање и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде во второ читање.
Земник министерот за образование и наука Сафет Незири истакна дека се работи за мали измени кои се од исклучително значење.
– Со измените се утврдува дејноста на секој советник што ги посетува училиштата. Основна цел е уредувањето на стручниот надзор во училиштата во Република Македонија, вклучувањето на Бирото во оценувањето на наставниците и стручните соработници од страна на Државниот просветен инспекторат и учеството на Бирото во вреднувањето на наставниците при интегралната евалвација, појасни Незири.
Со измените, додаде, се очекува подобрување на квалитетот во образованието, како и сеопфатност и транспаретност во следењето на наставната практика и постапките за оценувањето на наставниците и стручните соработници во училиштата.
На денешната седница беше разглдан и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ѓубриња во прво читање за кој беше заклучено дека е прифатлив и оти миже да се даде на натамошно читање.
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски истакна дека целта на предложените законски решенија е да се даде содветна и концизна правна квалификација на прекршочните одредби како и да се категоризираат прекршоците.
– Со измените на прекршочните одредби во Законот за ѓубриња се очекува дека ќе доведат до поквалитетно производство и пласирање на ѓубриња. Продавачите на видно место ќе треба да го истакнат телефонскиот број за пријавување на неправилност, а се воведуваат и акредитирани лаборатории за кнтрола на квалитетот наѓубривото, рече Коњановски.
Пратениците го разгледаа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за производи за заштита на растенијата во прво читање и заклучија дека е прифатлив и оти може да се даде во второ читање.
– Со предлог законот се регулира воведување на телефонски број за пријавување на неправилност, воведување на акредитирани лаборатории, усогласување со прекршочната политика на Влада на Република Македонија и воведување на мониторинг и мониторинг програми за производи за заштита на растенијата и нивни резидуи, рече заменк министерот Коњановски.
Беше разгледан и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија во прво читање за кого беше заклучено дека е прифатлив и оти може да се даде во второ читање.
Целта на направените измени и дополни во Законот, посочи Коњановски, е рангирање на прекршочните одредби согласно сторените прекршоци.
Да помине во второ читање беше заклучено и за Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за здравјето на растенијата, во прво читање, кој е во насока на обезбедување услови за донесување на подзаконски акт за фитосанитарен мониторинг на здравјето на растенијата, како и категоризација на предвидените прекршоци. Целта на измените и дополнувањата на овој закон е преку следење на здравстевената состојба на растенијата да се обезбеди здравствена исправност на растенијата. Едновремено се врши изедначување на физичките и правните лица.
Собранието го разгледа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ловството во прво читање и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Со предлогот, нагласи Коњановски, се врши усогласување на Законот за ловството со Законот за концесија и јавно приватно партнерство.
Пратениците го разгледаа и Предлог-законот за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој во прво читање и заклучија дека е прифатлив и оти може да оди во второ читање.
– Над 1.500 земјоделци годинава не можеа да си го оставарат правото за субвенции зошто не платиле водарина и пашарина од различни причини иако потпишале договор. Измената е на барање на земјоделците за да се продложи рокот до 30 октомври годинава за да можат да ги платат обврските и да ги добијат субвенциите, рече Коњановски.
Собранието го разгледа и Предлог-законот за изменување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија во прво читање и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Заменик министерот за транспорт и врски Џељаљ Бајрами појасни дека целта на законот е предефинирање на одредбата со која се регулира уплаќањето на средствата што се собираат од закупнината од издавањето на деловниот простор под закуп.
– Се предлага измена на член 10 се со цел да се преуреди прашањето во однос на тоа на која сметка се уплаќаат средствата од продажбата и давањето под закуп на деловниот простор сопственост на Република Македонија, рече Бајрами.
Пратениците во рамките на 58. седница ги поддржаа Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2013 година и Предлог годишната програма за работа и развој и Предлог-годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2013 година, како и Предлог-одлуката за користење на средствата од концесискиот надоместок за користење на аеродромите во Република Македонија за 2012 година.
Собранието ги разгледа и барањето за давање автентично толкување на член 109 став 2 од Законот за авторското право и сродните права поднесено од Владата и констатира дека нема потреба од автентично толкување.
Пратеничката Лилјана Поповска рече дека станува збор за толкување на законот заради недоразбирањето на ММИ и некои македонски медиуми околу третманот на видеограмот и фонограмот.
– Имаше размисла дека објавувањето на видеограмот не повлекува сродни права за изведувачите. Фонограмот кај нас има стара дефиниција направена кога не постоеле спотови кога е дефиниран фонограмот, рече Поповска.
Посочи дека подеднакво треба да се третираат видеограмот и фонограмот, бидејќи изведувачите не се откажуваат од своите права во видеограмот.
Собранието го разгледа и барањето за давање автентично толкување на член 247 став 1 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поднесено од пратеникот Миле Пачемски и заклучи дека е неоправдано.