Во Полска денеска се одбележува тригодишнината од тешката авионска несреќа во Русија, во која загинаа полскиот претседател Лех Качински и уште 95 лица.
Годишнината се одбележува на две одвоени церемонии. Од една страна почит на загинатите им оддаде премиерот Доналд Туск, на воените гробишта во Варшава, нагласувајќи дека се верува оти „ќе дојде денот кога оваа тажна, трагична годишнина на трагедијата во Смоленск нема да биде причина за поделба на Полска“.
Втората церемонија ја предводеше опозицискиот лидер Јарослав Качински, братот близнак на Лех. Јарослав, како и една третина од Полјаците веруваат дека Лех е убиен. Тој тврди дека Русите го убиле неговиот брат, а делумно ја обвинува и Владата на Туск.
Според истражувањето на јавното мислење, спроведено минатиот месец, 33 отсто од Полјаците не ја исклучуваат можноста дека станува збор за убиство.
Официјалната истрага и од полска и од руска страна заклучи дека станува збор за несреќа.
Качински заедно со членовите на неговата конзервативна партија Закон и правда ја пееше националната химна со неколку стотина луѓе во претседателската палата и положи цвеќе во знак на сеќавање на 96-те жртви на несреќата.
Ќерката на Лех Качински, Марта положи цвеќе во замокот Вавел кај Краков, каде се погребани нејзиниот татко и мајка и Марија, која исто така загина во несреќата.
Авионот со полски политички, воени и верски функционери се урна на денешен ден пред три години во Смоленск, во Русија.