Австралискиот министер за надворешни работи Боб Кар ги опиша коментарите на поранешниот британски премиер Маргарет Тачер, околу имиграцијата во Австралија, како „срамно расистички“.
Во интервју за австралиската телевизиска мрежа АБЦ, Кар откри за прв пат детали од една негова средба со Челичната леди кога таа веќе беше во пензија, на која станало збор и за имиграцијата,при што Тачер ги предупредила австралиските политичари и Австралија на опасноста од имиграцијата од Азија.
Според министерот Кар, поранешната премиерка му рекла дека доколку им се допушти на азиските имигранти слободно да се населуваат, тогаш „староседелците во земјата и европските доселеници, (бројно) ќе бидат надминати од имигрантите“.
Шефот на австралиската дипломатија во синоќешното интервју рече дека е „зачуден и збунет“ од коментарите на Маргарет Тачер, особено што тие биле дадени додека сопругата на министерот Кар, инаку родена Малезијка, стоела недалеку.
– За среќа таа не слушна што зборува леди Тачер, рече Боб Кар.
Австралискиот министер сепак и оддаде почит на поранешната британска премиерка за „политичкото лидерство“ во годините во кои таа беше во Даунинг стрит 10.
Ова е прв случај, еден странски политичар јавно да критикува некои од ставовите на Маргарет Тачер која почина во Лондон, во понеделникот, на 87 годишна возраст.
Таа ќе биде погребана идната среда со воени почести.