Македонија го презеде претседавањето со Советот на министри за култура на ЈИЕ

Од:

Македонија денеска официјално го презеде од Словенија претседавањето со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) за период од една година.

На состанокот на министрите во Брдо кај Крањ министерката Елизабета Канческа-Милевска и се заблагодари Словенија, претседавач со тоа значајно тело во изминатата година, за промовирањето на заложбата земјите на ЈИЕ да соработуваат во рамките на УНЕСКО, Европската унија, Советот на Европа и воопшто како земји-соседи во областа на културата и културното наследство.

– Република Словенија беше можеби најистакнатиот поддржувач на иницијативата КОМОКОСЕЕ да се обедини со министерската платформа на УНЕСКО за културното наследство во ЈИЕ, којашто уште поефикасно ќе ја спроведува нашата заедничка политичка волја на највисоко ниво, платформа која ќе го води регионот кон урамнотежен и одржлив развој, рече Канческа-Милевска.

Таа најави дека Република Македонија во наредниот едногодишен период ќе се труди да даде силен импулс во регионалната соработка. Во текот на претседателствувањето ќе бидат реализирани голем број активности, ќе се настојува да се потенцира значењето на културното наследство како фактор за одржлив развој, промовирајќи го притоа неговото општествено значење.

Исто така, ќе биде реафирмирана идејата за „Скопје агенда“, која предвидува формирање регионална мониторинг и советодавна група која ќе ги следи одвивањето и евалуацијата од ефектите на проектите: Љубљански процес II: Обнова на нашето заедничко наследство, пилот-проектите за локален развој и Обновата на наследството во историските градови – пилот-проект спроведен во земјите-потписнички на Киевската иницијатива.

– Веруваме дека „Скопје агенда“ ќе придонесе кон градењето на демократската стабилност и процесите за граѓанска инклузија, како и кон зголемувањето на потенцијалот на наследството за унапредување на квалитетот на животот, истакна Канческа-Милевска.

Како што соопшти Министерството за култура, на денешниот состанок во Брдо, министрите за култура, претставниците на УНЕСКО, Советот на Европа и на Европска унија ја усвоија и министерската Декларација со која се обврзаа на поинтензивна соработка.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање