Јапонија ги подготви ракетите „Патриот“ во Токио, за да го одбрани населението во претстолнината, во случај на напад од Северна Кореја, соопштуваат официјални лица.
Во Министерството за одбрана рано утрово се поставени два ракетни лансери Патриот земја-воздух, (ПАЦ-3), изјави портпаролот на министерството, додека министерот за одбрана, Ицунори Онодера изјави дека се спроведуваат мерки во чии рамки е и разместувањето на ракетите .
Според локалните извештаи ракетите ќе бидат поставени на уште две локации во Токио.
-Владата вложува се за да ги заштити луѓето и да ја обезбеди нивната сигурност, изјави вчера јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Батерии (ПАЦ-3), ќе бидат инсталирани и на островот Окинава, изјави Онодера, прецизирајќи дека Окинава е најдобра локација за одговор во итни случаи, така што на тој простор би требало да останат.
Јапонските вооружени сили се овластени да ја урнат секоја ракета која ќе се упати кон територијата на Јапонија, изјави портпаролот на министерството.
Разместувањето на ракетите започна по вчерашното соопштение на Северна Кореја дека ќе ги повлече 53.000 работници од индустриската зона Каесонг, која ја направи со Јужна Кореја и дека ќе ги суспендира сите комерцијални операции во комплексот.
Елена Георгиевска