Романски народен претставник предложи Црквата да не добива пари веќе од државата, објави весникот Гандул.
Во 2013 година државата дава речиси 71 милион евра за финансирање на црквите во Романија и во странство. Таа сума предизвика незадоволство меѓу пратеници и сенатори.
Група народни претставници предводени од Ремус Чернаја кој е познат по ставовите против црквата, подготвуваат законска иницијатива за друга форма на финансирање, по пример на германскиот модел.
Претставникот на Зелената партија Ремус Чернаја предвидува пренасочување на процент од данок врз приходи на граѓаните на доброволен принцип кон религиозни организации како што е случајот со невладини организации (2 отсто). Според него, тоа ќе го олесни буџетот и ќе им помогне на црквите.
Романската патријаршија наведува дека е против такво решение напоменувајќи дека државното финансирање на црквата датира од 1863 година. Во Романија се признати 18 религиозни вероисповеди. Оваа година досега тие добиле 9,4 милиони евра повеќе од лани, наведува весникот.