Медиумите и дел од невладините организации упатија силни критики за претседателката на Европската комисија поради тоа што во изјавата со која се осудува загрозувањето на демократијата во Унгарија, таа ниту еднаш не го спомна експлицитно името на оваа држава, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, повика да се стави Унгарија во “карантин“ во ЕУ и да и си одземе правото на глас сѐ додека не се стави крај на нападите врз демократските темели.
Претседателката на ЕК, вон дер Лајен, која припаѓа на истото политичко семејство како и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, објави изјава во која го осудува загрозувањето на демократското функционирање под превез на борбата против коронавирусот.
Но, во изјавата никаде не се споменува Унгарија експлицитно.
„Во последните недели, неколку ЕУ влади донесоа вонредни мерки за да се справат со здравствената криза предизвикана од коронавирусот. Живееме во вонредни времиња и владите, во принцип, треба да располагаат со потребните алатки за да одговорат брзо и ефикасно да го заштитат јавното здравје на нашите граѓани. Од врвна важност е вонредните мерки да не се донесат на штета на темелните принципи и вредности етаблирани во Повелбите. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми“, пишува, меѓу другото вон дер Лајен, јасно алудирајќи на мерките донесени во Унгарија, но без да ја спомене.
Таа повика мерките да бидат умерени и пропорционални, а во меѓувреме, унгарскиот парламент изгласа зголемени вонредни надлежности за владата на Орбан кои ќе и овозможат на извршната власт да владее преку декрети.
За ширење „лажни вести“ се предвидува до пет години затворска казна, и осум години затвор за тие што ги прекршуваат правилата на карантин.
„Хјуман Рајтс Воч“ предупреди дека со овие нови надлежности, унгарските власти ќе можат слободно да ги замолчуваат критичарите на власта обвинувајќи ги за создавање на лажни вести.
Медиумската заедница во Брисел исто така се крена против овие мерки и против фактот што институциите на ЕУ не реагираат доволно остро.
Портпаролот на претседателката кусо одговори дека изјавата на вон дер Лајен се однесува на “сите вонредни мерки“ во ЕУ земјите.
„Како што реков ова беше тема на дебата на средбата на Колеџот на еврокомесари денес и јас реков дека Унгарија беше експлицитно спомната во контекст на оваа дискусија“, рече портпаролот Ерик Мамер.