Во Црна Гора денеска се одржуваат претседателски избори на кои 511.405 црногорски граѓани со право на глас можат да се определат меѓу двајца кандидати – актуелниот претседател Филип Вујанови од редовите на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) и лидерот на опозицискиот Демократски фронт, Миодраг Лекиќ.
Гласачките места беа отворени во седум часот и на нив црногорски граѓани ќе може да се изјаснуваат до 20 часот.
Овие се шест претседателси избори во Црна Гора од воведувањето на плурализмот и втори од прогласувањето на независноста на земјата во 2006 година.
Покрај ДПС, Вујановиќ доби поддршка и од партиите на бошњачкото, албанското и хрватското малцинство, но не и од помалиот партнер во црногорската владина коалиција, Социјалдемократската партија (СДП), која не поддржа ниту еден од кандидатите, а нејзиниот лидер Ранко Кривокапиќ изјави дека воопшто нема да излезе на гласање.
Лекиќ од друга страна покрај од неговиот Демократски фронт, доби поддршка и од опозициските партии Позитивна Црна Гора и Социјалистичката народна партија.
Покрај домашни, изборите ги следат и набљудувачки мисии на ОБСЕ и Парламентраното собрание на Советот на Европа.