Невиден вандализам се случичил синоќа во Гевгелија на централното градско шеталиште каде за време на полицискиот час од страна на непознати сторители биле искршени повеќе жардинери пред државни и приватни објекти, урбана опрема, а биле искршени и палми и украсни дрвца пред фонтаната на хотел во градот.
Во овие тешки моменти кога сите се загрижени за заштита на личното и колективното здравје од коронавирусот, граѓаните се згрозени од досега незабележениот вандализам во овој град.
Градоначалникот Сашо Поцков остро го осуди овој нечовечки чин и утринава побара од органите на прогонот под итно да се преземат мерки за откривање и санкционирање на сторителите на вандализамот.
Припадници на ОВР Гевгелија извршија увид на терен и во тек е прегледување на снимки од видео надзорите на неколку угостителски објекти заради откривање на идентитетот на сторителите.
Вработените на јавното комунално претпријатие претпладнево извршија целосна замена и обнова на искршените жардинери, оштетеното цвеќе и искршените дрвца.