Британската компанија „Асенд Капитал“, која има инвестициски планови за Македонија, денеска отвори претставништво во земјава.
На прес-конференција инвестицијата ја најавија директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида и директорот на компанијата Џастин Драмонд.
Компанијата, која се занимава со производство на еколошки препарати за чистење, прво ќе отвори канцеларија за маркетинг и регионална продажба со седиште во Македонија, а во втората фаза и фабрика која дополнително ќе отвори работни места.
Во период од 12 до 18 месеци планирано е во канцеларијата да се вработат од 100 до 150 млади луѓе од Македонија кои имаат познавања на регионалните јазици.
Како главни причини за одлуката за инвестирање од компанијата ги посочуваат деловната клима, стабилната макроекономска политика и цената на трудот.
Директорот Фида информира дека британската компанија е заинтересирана и за инвестирање во хотелиерството.
Британската компанија се заинтересирала за инвестирање во Македонија по минатогодишното роуд шоу на владини претставници во Лондон на кое биле претставени можностите за инвестирање во Македонија.