Општинскиот кризен штаб на Свети Николе на денешниот состанок донесе сет мерки против ширење на корона вирусот. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски истакна дека e побарано од Полициската станица да се информираат колкав е бројот на граѓани кои биле во странство и дали се во самоизолација.
-Сите граѓани на општина Свети Николе кои имаа пристигнато од средно и високо ризичните земји за ширење на коронавирусот во општина Свети Николе од 14 март, да извршат задолжителна самоизолација во трање од 14 дена, согласно мерките на Владата и да се пријават на телефонските броеви: 078/255-350 и 075/421-183. На истите, Oпштина Свети Николе ќе им се овозможи дистрибуција на храна и дезинфекциски средства за време на изолациониот период, вели Велковски.
Локалната власт заедно со пожарникарите и вработени од комуналното претпријатие од денеска ќе вршат континуирана дезифенкција и чистење на улиците со противпожарно возила, потоа континуирано чистење на просториите на сите подрачни единии на министерствата и зградата на локалната самоуправа од страна на екипи на ЈКП Комуналец.
– Се препорачува на сите такси компании и на фирмата за јавен превоз, да спроведат континуирана дезинфекција на возилата. Се препорачува на сите основни училишта на територијата на општина Свети Николе и УСО „Кочо Рацин“ да спроведат активности за континуирано учење во наредниот период, користејќи ги веб страните на училиштата, рече Велковски.
Формирана е и волонтерска служба за старите и изнемоштени лица, кои ќе им вршат дистрибуција на храна и лекови. Оние кои сакаат да волонтираат треба да се пријават за да добијат и службена легитимација, за да нема манипулации на терен.
Корисниците на социјална помош кои користат топол оброк, тековните потреби можат да ги обезбедат во просториите на Подрачната единица при Министерството за труд и социјална политика во Свети Николе.