Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци присуствуваше на концертот на првенците на генерацијата, кој се одржа по повод патрониот празник на општинското Основно музичко-балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“.
Пред почетокот на концертот, министерката за култура во обраќањето пред присутните истакна дека успехот е единственото мерило за работата на ова училиште кое цели 43 години опстојува, како институција што продуцира нови и квалитетни кадри.
– Младите уметници и нивниот развој се императив за општината Кавадарци и токму затоа, ја користам оваа можност да ја поздравам работата на општинското Музичко-балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“, кое ги оспособува младите таленти за понатамошно напредување и образование и перманентно создава услови за презентација на усвоените технички и естетски вредности на концертно-натпреварувачките сцени, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека освоените 393 награди на државно и на интернационално ниво се прецизна верификација на педагошката работа и силната посветеност на професорите и учениците од ова училиште.
Министерката за култура ја поздрави и иницијативата за одржување на меѓународниот натпревар за камерна музика, кој три години по ред го организира ова музичко-балетско училиште во соработка со Домот на културата и со поддршка на градоначалникот и локалните власти.