Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги им препорача на компаниите кои што се вршители на енергетски дејности, како и на јавните претпријатија што се даватели на водни услуги кон граѓаните, во следните две недели да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична, топлинска енергија и вода поради неплатени сметки.
Имајќи ја во предвид одлуката на Владата за превенција од ширење на корона вирусот и пандемијата што е прогласена од Светската здравствена организација, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ со оваа препорака има за цел да им укаже на компаниите и јавните претпријатија чие работење е под надлежност на РКЕ да покажат хуманост и да се воздржат од активности што би влијаеле врз здравјето на човекот.
„Во оваа вонредна состојба со Ковид-19, кога е прогласена пандемија од Светската здравствена организација и има одлука од Владата за превенција од ширење на коронавирусот, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги чувствува пред се одговорност, но и обврска за заштита на потрошувачите и затоа препорачува во следните две недели компаниите вршители на енергетски дејности, како и јавните претпријатија што се даватели на водни услуги, да се воздржат од исклучување поради неплатени сметки “ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.