Британската престолнина надалеку позната по своите пабови, кои по традиција беа наменети, пред се, за мажите, сега добива место што ќе биде наменето исклучиво за жени.
Кафулето „Grace Belgravia“ е сместено во крајот Белгравија и е наменето исклучиво за жените, како спротивност на лондонските барови од осумнаесетиот век во кои само на мажите им било дозволувано да влегуваат.
Сопственичката на кафулето, Кејт Персивал, во разговор за Би-Би-Си изјави дека станува збор за вистинско женско катче, па затоа е осмислена целосна придружна програма. Така, дел од кафулето е опремено во стилот на традиционалните книжарници во кои редовно се оддржуваат книжевни вечери и состаноци на клубот на читатели.
Концептот на кафуле за жени го дополнуваат и часовите јога и фитнес, како и продажниот карактер на инвентарот што го потпишуваат врвни дизајнери.
На менито се наоѓаат јадења исклучиво подготвени од органски производи, додека пијалоците, како засладените коктели и газираните напитоци, можат да се пијат само на посебни тематски журки што се организираат два пати неделно.
Освен бројните приврзеници, идејата наиде и на критики заради едностраното прикажување на женското секојдневие, но и заради годишната членарина од неколку илјади фунти за оние дами кои ќе се одлучат да се претплатат на сите содржини што клубот ги нуди.
Интересно е и тоа дека на мажите влезот им е дозволен само во четврток навечер, како што старата традиција на жените им дозволувала влез во пабовите токму оваа вечер.