Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави денеска дека е можно организирање референдум во Велика Британија за односите со Европската унија, јави дописникот на МИА од Лондон.
Во авторски текст во неделникот „Сандеј телеграф“ Камерон наведува дека „британската позиција во еволуираната ЕУ мора со цело срце да биде верификувана од луѓето“.
Станува збор за најавените потемелни промени во еврозоната, со натамошно централизирање и федералзирање на односите меѓу земјите-членки, како на финансиски, така и на политички план, што би било поинаква позиција од онаа што сега ја има целата Европска унија.
Владата во Лондон подолго време притиска на земјите од зоната на еврото да се обединат повеќе во одбрана на единствената валута, бранејќи го таквиот став со тврдењето дека нивната криза и создава проблеми на британската економија. Велика Британија, меѓутоа, е противник на федерализација на ЕУ и на префрлање на уште поголеми овластувања и надлежности на „центарот“ во Брисел.
Камерон во својот напис во лондонскиот весник истакнува дека доколку се определат нови европски спогодби за иднината на ЕУ, што ќе ја нарушаат сегашната британска позиција, за тоа ќе одлучуваат Британците на референдум или на парламентарни избори, на кои односите со Унијата ќе бидат доминантното прашање.
Британскиот премиер, сепак, инсистира дека широко мнозинство од гласачите е против тоа сега да се одржи референдум за тоа дали земјата да остане во ЕУ или да ја напушти.
Текстот на Камерон во „Сандеј телеграф“ доаѓа само 48 часови по неговата изјава во Брисел, на крајот од последниот самит на ЕУ дека нема да има референдум во Велика Британија за иднината на земјата во Европската унија.
На референдумот одржан во 1975 година, 67 отсто од Британиците беа за останување на земјата во ЕУ, додека 33 беа за напуштање на ЕУ.