По најавите дека, Движењето за социјалистичка интеграција, на Илир Мета, ја напушта владата и оти за изборите и се враќа на левицата, албанскиот премиер Сали Бериша оценува дека никој не може да биде закана за определбата на владата да организира слободни и фер избори, во согласност со изборниот законик и Уставот на земјата.
– Широка дебата се разви во врска со најавите дека Движењето за социјалистичка интеграција ќе ја напушти владата. Мојот став бил и станува непроменет, дека секоја политичка сила прави избор кој го посакува. За мене, владата и владеењето се одговорности кои се зголемуваат во изборниот период. Во оваа прилика им гарантирам на гласачите дека ништо не може да ја загрози определбата на владата да организира слободни и фер избори, во согласност со изборниот законик и Уставот на земјата, пишува Бериша на неговата Фејсбук страница.
Исто така Бериша им гарантира на граѓаните дека Уставот на земјата има јасни одредби за решавање на секој институционален проблем и оти „ Уставот ригорозно ќе се почитува“, јави дописникот на МИА од Тирана.
Порака ја завршува со неговата определба да работи во интерес на доброто на граѓаните.
Опозициските социјалисти веќе имале контакти со партијата на Мета и според албанските медиуми било договорено Социјалистите да гласаат во парламентот за трите закони кои ги бара Брисел, а Мета да ја напушти владата.