Полицијата од јужниот албански град Ѓирокастро утрово запленила 60,5 килограми марихуана, која била натоварена на магариња и преку планински предел од селото Хормово требало да биде транспортирана на грчка територија.
По добиените сознанија по оперативен пат секторот за антидрога при Полицискиот комесаријат во Ѓирокастро преземал акција, во која е запленета дрогата но двајцата шверцери успеале да побегнат, јави дописникот на МИА од Тирана.
Истите, врз основа на лични предмети кои ги запленила полицијата, се идентификувани. Станува збор за жители на градот Тепелена.
Шверцот на албанска марихуана не запира. Италијанската полиција ноќта во неделата запленила 150 килограми марихуана, шверцувана од Албанија. Акцијата следувала по дојава на рибар, кој видел дека две лица со моторен чамец допловиле до брегот, истиот го оставиле и заминале.
Од почетокот на годинава полициите на Албанија, Италија и на Грција имаат запленето неколку тони албанска марихуана, главно произведена во селото Лазарат, познато како фабрика за марихуана. Вчера на граничниот премин Муриќан на албанско-црногорската граница, албанските цариници откриле и заплениле 1,5 килограми хероин, кој се обиделе да го прошверцуваат албански државјани.