Вељаноски се сретна со македонските иселеници во Србија

Од:

Поддршка од матичната земја за зачувување на македонскиот идентитет и култура, побараа синоќа претставници на македонските иселеници во главниот град на Србија од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој денеска ја завршува официјална посета на Белград, јави дописникот на МИА.

Македонците во Србија, чиј број официјално изнесува околу 23.000, се организирани во заедничко тело МАКОС кое изготви десетгодишна стратегија и е прва заедница во Србија која ќе излезе со ваков документ.

– Стратегијата на македонската заедница во Србија е финален допир на еден нов концепт на организирање на нашата заедница во оваа држава, концептот на МАКОС-Македонски обединети сили, што го сочинуваат Националниот совет, кој го претставува државниот сектор, Демократската партија на Македонците-политичкиот и Сојузот на македонските организации, како претставник на цивилниот сектор. Во таа рамка  со овој нов концепт ние можеме многу да направиме, изјави Борче Величковски, прв човек на Националниот совет на етничките заедници во Србија.

Величковски побара од македонската Влада поддршка за организирање на прва балканска конференција на припадниците на македонските заедници во земјите од регионот, што би се одржала во Белград.

– Како една од најразвиените заедници во овој дел од регионот сметаме дека сме многу зрели домаќини за организирање на прва балканска конференција на сите наши припадници во регионот. Ја покануваме нашата матица овој проект да го свати сериозно и да ни помогне, изјави Величковски.

Македонците во Србија од Вељаноски побараа да ги пренесе во матичната земја нивните барања да можат да вадат документи во Србија, вклучувајќи и пасоши.

Вељаноски укажа дека Македонците во што поголем број треба да се анимираат и да добијат македонски пасоши и државјанства, со што ќе ги стекнат правата на матичната држава, вклучувајќи можност и за изјаснување на парламентарните и претседателските избори.

– Македонија најмногу ќе ни помогне ако влезе во ЕУ, рече Величковски.

Првиот пратеник Македонец во Србија, Миле Спировски од Демократската партија на Македонците во Србија го информираше Вељаноски за политичкото дејствување на Македонците, но исто така укажа дека во околината на Јабука има земјиште кое може да се даде на плодоуживање и да се вработат луѓе така што е неопходно да се најде стопанственик кој ќе ја обработува земјата.

Иако официјалните бројки од последниот попис во Србија покажуваат дека на територија на цела држава има 23.000 Македонците, проценките на здруженијата се дека со македонско потекло во оваа земја има над 150.000 граѓани. Освен свој претствник во Парламентот и во Националниот совет, Македонците можат официјално да го користат македонскиот јазик во општината Пландиште, каде што се мнозинство. Исто така, воведени се и пилот – часови по македонски јазик.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, во рамки на дводневната официјална посета денеска треба да се сретне со српскиот претседател Томислав Николиќ.

Би можело да ве интересира

Во Собранието пратенички прашања – први на новиот парламентарен состав

Катерина Ѓуровски

Катерина Димитровска e новата пратеничка во Собранието

Катерина Димитровска пратеничка во Собранието на местото на Марија Митева

Собранието доби „глува соба“ за доверливи документи

Катерина Ѓуровски

Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства пред собраниската Комисија за политички систем

Петрушевски: ЕК извештајот констатира дека судиите често избегнуваат одговорност преку правни лавиринти и застарување на предметите