Поради неуредна достава на поканата за сведокот Дејан Панделески, синот на газдата на „Пелистерка“, повторно беше одложено судењето за случајот „Рекет“.
Во 11,30 часот Апелацискиот суд треба да расправа по жалбата за мерката притвор на Бојан Јовановски – Боки 13, кој бара да биде пуштен во домашен притвор.
Рочиштето за „Рекет“ се одложува вторпат – вчера требаше да сведочи сопственикот на „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ, кој достави потврда дека е на службен пат.
Се очекува тој во вторник да се појави пред судот кога треба да сведочи и Сергеј Варошлија, пријател на Јовановски и поранешен вработен во 1 ТВ. Во среда пак, пред судот како сведоци треба да се појават сопругот на Фросина Ременски од СДСМ, Јовче Ременски и Дејан Панделески.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Одбраната на Бојан Јовановски има предложено 12 сведоци.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.