Книгата „Трчањето ме учи“ од маратонецот Кокан Ајановски, во издание на издавачката куќа „ТРИ“ вечерва ќе биде промовирана во „Јавна соба“.
– „Трчањето ме учи“ е многу повеќе од книга за личната заложба и стремежот кон успех. Таа е збирка приказни со кои авторот ја пренесува инспирацијата и љубовта кон трчањето, но и најважната сила која нè движи напред и нè поттикнува да истрчаме уште еден километар, да направиме уште еден напор – за да станеме подобри од она што веќе сме. Неговите мисли и текстови се фокусирани и пренесени како секојдневна поддршка во патот кон целта. Зборовите како упорност, истрајност, дисциплина и благодарност се водилки во неговите приказни за постигнување најдобри резултати. Без вистинска посветеност и љубов, нема успех – е неговото мото за освојување нови лични победи, вели авторот во најавата за книгата.
Ајановски е државен првак во повеќе атлетски дисциплини и учесник на Светското првенство во планинско трчање. Во 2016 година ја отвори школата за трчање „NRC – NIKE + RUN CLUB“, преку која сака да ги активира сите вљубеници и рекреативци во трчањето.